Add parallel Print Page Options

Прво писмо од апостол

Петар

Поздрави

Од Петар, апостол на Исус Христос, до луѓето одбрани од Бог што живеат во туѓина, распрснати низ Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Битинија. Бог Таткото реши да ве одбере, а Неговиот Дух ве направи свети. Вие Го послушавте Исус Христос и сега сте попрскани[a] со Неговата крв.

Ви посакувам Бог да ви биде изобилно благонаклонет и да ви дава се подлабок мир.

За спасението, некогаш и сега

Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој поттикнат од Својата огромна милост, одново не роди! Сега живееме со надеж која произлезе од воскресението на Исус Христос. Очекуваме наследство што не се распаѓа, неосквернето, што не венее. Тоа наследство Бог го чува за нас на небото.

Божјата сила ќе ве чува се до последниот ден[b], бидејќи имате доверба во Него. Тогаш Бог јавно ќе го објави вашето спасение. Затоа треба неизмерно да се радувате, макар што, ако е неопходно, уште кратко време ќе минувате низ разни маки и искушенија. Преку нив се проверува вредноста на вашата вера. Дури и златото, кое е само од привремена полза, со оган се проверува. Вашата вера е многу повредна. Така, ако успешно ја поминете таа проверка, вие ќе добиете пофалба, слава и чест на денот кога Исус Христос ќе му се открие на целиот свет.

Вие Го сакате Христос, иако никогаш не сте Го виделе, верувате во Него, иако не ви е пред очи. Затоа ќе се радувате со величествена радост што не може да се опише, оти ќе ја постигнете целта на вашата вера - спасението на своите души.

10 Токму за ова спасение сакаа повеќе да дознаат и пророците. Тие пророкуваа за тој незаслужен подарок што требаше да дојде. 11 Се обидуваа да дознаат на кого се однесува тоа и кога ќе се случи. Духот на Христос беше во нив и им претскажуваше дека Месијата најпрво ќе страда, а потоа ќе се стекне со голема слава. 12 Ним им беше откриено дека ова нема да се случи во нивно време и дека тие претскажуваат работи за иднината, за вас. Тие работи сега ви беа објавени преку оние што ви ја проповедаа Радосната вест, со силата на Светиот Дух испратен од небото. Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат.

Поттик за свет живот

13 Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос! 14 Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење. 15 Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет. 16 Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува:

„Бидете свети, затоа што Јас сум свет[c]!“

17 Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог. 18 Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени[d] со сребреници и златници, кои се потрошни нешта, 19 туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне. 20 Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас. 21 Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог.

22 Сега, откако и се покоривте на вистината, ги исчистивте своите души. Од тоа произлезе искрена, братска љубов меѓу вас. Затоа, сакајте се меѓусебно искрено и од се срце. 23 Сакајте се затоа што сега сте наново родени, не од земни родители, кои би ви ја пренесле и смртта, туку од бесмртниот Родител, преку живиот и вечен Божји Збор. 24 Светото Писмо вели:

„Секој човек е како трева,

а секоја човечка слава и убавина

се како цвеќе во ливада;

тревата се суши, цвеќето венее,

25 само зборот Господов вечно ќе живее[e].“

Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.

Footnotes

  1. 1 Петар 1:2 Види 2 Мој. 24:3-8 и Евр. 9:18-21. Мојсеј ги попрскал Евреите со крвта на жртвите за да покаже дека ќе се придржуваат до заветот со Бог. Петар кажува дека крвта на Исус го заверува заветот меѓу Бог и Неговиот народ.
  2. 1 Петар 1:5 Денот кога Бог ќе им суди на сите луѓе.
  3. 1 Петар 1:16 Цитат од 3 Мојсеева 11:44, 45; 19:2; 20:7.
  4. 1 Петар 1:18 Зборот што е употребен во старогрчкиот текст означува откупување на роб или на затвореник.
  5. 1 Петар 1:25 Цитат од Исаија 40:6-8.