Add parallel Print Page Options

Поделби меѓу незрелите христијани

Драги мои, додека бев кај вас, јас не можев да ви зборувам како на духовно зрели христијани. Ви зборував како на телесни луѓе, како на луѓе што во Христовата вера се новороденчиња[a]. Ве хранев со млеко, а не со тврда храна, бидејќи се уште не бевте способни да ја примате. За жал, ни сега не сте способни. Се уште сте телесни, како луѓето од овој свет, штом си завидувате и се карате. Зар со тоа не докажувате дека сте исти како луѓето што не се христијани? Едни од вас велат дека се Павлови следбеници, а други дека се следбеници на Аполос. Зар тоа не покажува дека сте како и сите други, телесни луѓе?

Проповедниците се само Божји слуги

Кој е Аполос? Кој е Павле? Вреди ли заради нас да се карате? Ние сме само Божји слуги преку кои поверувавте. Секој од нас си ја извршуваше задачата дадена од Господ. Јас сеев, Аполос полеваше, но Бог овозможи семето да порасне. Не треба да се велича ни тој што сее, ни тој што полева, туку Бог, Кој овозможува семето да порасне. Оној што сее и оној што полева работат еднакво важни задачи и секој од нив ќе добие награда соодветна на вложениот труд. И Аполос и јас работиме за Бог, а вие сте Божја нива, Божја градба, а не наша.

Индивидуална одговорност: Христовиот суд

10 Користејќи ја дарбата што Бог милостиво ми ја даде, јас, како и секој мудар ѕидар, најпрво го поставив темелот, а други по мене ќе градат врз него. Но секој мора да внимава како ќе гради! 11 Никој не смее да поставува друг темел, зашто тој е веќе поставен, а тоа е Исус Христос! 12 Врз тој темел, некој ќе ѕида со злато, со сребро или со скапоцени камења, а друг со дрво, со сено или со слама. 13 Но ќе дојде ден, кога сечие дело ќе излезе на видело! Секое дело, на секој христијанин, ќе биде проверено низ оган, за да му се утврди вистинската вредност. 14 Ако делото издржи, градителот ќе добие награда; 15 ако, пак, делото изгори, градителот ќе се соочи со голема загуба. Ќе се спаси, но како некој што поминал преку оган!

16 Зар не сфаќате дека вие сте Божјиот храм и дека Божјиот Дух живее во[b] вас? 17 Ако некој го урива Божјиот храм, Бог него ќе го разурне, бидејќи Божјиот храм е свет. Тој храм сте вие, христијаните.

18 Никој нека не се залажува! Ако некој од вас се смета за мудар според мерилата на овој свет, треба да се ослободи од таквата самоувереност[c], за да може да стане мудар според Божјите мерила. 19 Зашто мудроста на овој свет е рамна на лудост пред Бог! Во Светото Писмо пишува:

„Бог ги лови самоуверените мудреци

во стапицата на нивното сопствено лукавство[d]!“

20 И на друго место:

„Господ им ги знае плановите на мудрите,

знае дека во нив нема вредност[e]!“

21 Затоа, никој да не се фали со човек! Вам ви припаѓа се: 22 и Павле, и Аполос и Петар[f], и целиот свет; и животот и смртта, и сегашноста и иднината - се ви припаѓа вам, 23 а вие Му припаѓате на Христос, а Христос Му припаѓа на Бог.

Footnotes

  1. 1 Коринќаните 3:1 Буквално: како на бебиња во Христос.
  2. 1 Коринќаните 3:16 Или: сред вас.
  3. 1 Коринќаните 3:18 Буквално: нека стане безумен, за да стане мудар.
  4. 1 Коринќаните 3:19 Јов 5:13.
  5. 1 Коринќаните 3:20 Псалм 94:11.
  6. 1 Коринќаните 3:22 Во оригиналот: Кефа. Тоа е еврејскиот еквивалент на името Петар.