Add parallel Print Page Options

Да го следиме Христовиот пример

15 Ние што имаме посилна вера треба да ја поднесуваме слабоста на оние со послаба вера, а не да си угодуваме самите на себе. Секој од нас треба да им угодува на христијаните што се околу него, за нивно добро, за да ги изградува. Ни Христос не си угодуваше Себеси, туку, како што е напишано:

„Навредите што беа наменети за Тебе,

паднаа врз Мене[a].“

Се што во минатото е напишано во Светото Писмо, напишано е за ние да се поучиме, да оцврснеме, да се охрабриме и да не губиме надеж.

А Бог, Кој е изворот на нашата стрпливост и утеха, нека ви даде слога меѓу вас и секој да го следи примерот на Исус Христос, па сите заедно и сложно да Го прославувате Бога, Таткото на нашиот Господ Исус Христос.

Прифаќајте се еден со друг, како што Христос ве прифати вас. Со тоа Бог ќе биде прославен. Сакам да знаете дека Христос им стана слуга на Евреите за да го исполни ветувањето што Бог им го беше дал на нивните предци, а исто така и сите други народи да Го прославуваат Бога заради Неговата милост, како што е напишано во Светото Писмо:

„Затоа ќе Ти донесам слава меѓу нееврејските народи,

ќе Му пеам славопои на Твоето име[b]!“

10 И на друго место вели:

„Радувајте се и вие што не сте Евреи,

заедно со Божјиот народ, Евреите[c]!“

11 И повторно:

„Славете Го Господа сите народи,

Него нека Го слават сите луѓе[d]!“

12 А Исаија вели:

„Ќе се појави потомок на Давид[e],

ќе им стане владетел на нееврејските народи,

кои својата надеж во Него ќе ја положат[f]!“

13 Сега Бог, изворот на надежта, нека ве исполни со радост и со мир заради вашата вера во Христос, а вашата надеж нека продолжи силно да расте и да се поткрепува од силата на Светиот Дух.

Мисионерската задача на апостол Павле

14 Уверен сум, драги пријатели христијани, дека вие сте полни со добрина, дека имате солидно знаење и дека сте способни еден со друг да се поучувате. 15 Сепак, си зедов слобода да ви пишам за некои работи, за да ве потсетам. Бог ми беше благонаклонет и 16 ме зеде во служба на Исус Христос меѓу нееврејските народи, за да извршувам една света задача: ширење на Божјата Радосна вест. На тој начин Светиот Дух ќе може да направи од нееврејските народи принос што ќе биде свет и прифатлив за Бог.

17 Сега, кога сум во служба на Исус Христос, се гордеам со тоа што го работам за Бог. 18 Се осмелувам да зборувам само за она што Христос го изврши преку мене, за тоа како ме испрати да проповедам со зборови и со дела, за да се обратат и оние што не се Евреи. 19 Зборувам за тоа како Христос правеше чуда и им даваше чудотворни знаци на луѓето со силата на Светиот Дух. Им ја проповедам во целост Радосната вест за Христос, почнувајќи од Ерусалим, па се до Илирија[g].

20 Мојата цел е да ја проповедам Радосната вест онаму каде што се уште не слушнале за Христос, зашто не сакам да градам врз туѓ темел. 21 Напротив, сакам да правам онака како што е напишано во Светото Писмо:

„Ќе им се отворат очите на народите на кои

не им беше кажувано за Господ,

ќе разберат оние што

за Него не беа чуле[h].“

Намерата на Павле да го посети Рим

22 Мојата желба да ве посетам и вас, во Рим, беше многупати одложувана токму поради тоа што проповедав по таквите земји. 23 Сега, меѓутоа, за мене повеќе нема поле за работа во овие краишта. Бидејќи веќе повеќе години имам желба да дојдам кај вас, во Рим, 24 ќе ве посетам кога ќе одам за Шпанија. Се надевам дека на поминување ќе се видам со вас и дека вие, откако барем малку ќе ви се изнарадувам, ќе ме испратите понатаму.

Помош за христијаните во Ерусалим

25 Но, пред да дојдам, прво ќе заминам за Ерусалим, за да им ги однесам доброволните прилози собрани за тамошните христијани. 26 Христијаните од Македонија и Ахаја собраа доброволни прилози за сиромашните христијани во Ерусалим. 27 Го сторија тоа од се срце. Се чувствуваа должни спрема нив. Сметаа дека, ако Евреите ги поделија духовните богатства со другите народи, ред е и тие да им помогнат со материјални добра. 28 Кога ќе ја завршам оваа работа и ќе им ги предадам собраните прилози[i], ќе ве посетам, а потоа ќе заминам за Шпанија. 29 Знам дека моето доаѓање кај вас ќе биде со целосен благослов од страна на Христос.

Молете се за мене

30 Драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос и заради љубовта што Светиот Дух ви ја дава, ве молам да ми се придружите во борбата што ја водам со тоа што ќе Му се молите на Бог за мене. 31 Молете се Бог да ме заштити од оние луѓе во Јудеја што одбиваат да Му се покорат на Бог, а и за тоа христијаните во Ерусалим да го прифатат прилогот што им го носам[j]. 32 Така, исполнет со радост, да дојдам кај вас и, ако е Божја волја, меѓусебно да се освежиме. 33 Дотогаш Бог, Кој е извор на мир, нека биде со сите вас. Амин.

Footnotes

  1. Римјаните 15:3 Псалм 69:9.
  2. Римјаните 15:9 2 Сам. 22:50; Псалм 18:49.
  3. Римјаните 15:10 5 Мој. 32:43.
  4. Римјаните 15:11 Псалм 117:1.
  5. Римјаните 15:12 Буквално: на Јишај, таткото на Давид.
  6. Римјаните 15:12 Иса. 11:10.
  7. Римјаните 15:19 Илирија е област северно од античка Македонија, крај брегот на Јадранското Море. Со оглед на тоа што за некаква мисија во таа област ништо не е спомнато, веројатно се мисли дека апостол Павле дошол до самата граница на таа област.
  8. Римјаните 15:21 Исаија 52:15.
  9. Римјаните 15:28 Букв. плод.
  10. Римјаните 15:31 Или: службата што јас ја вршам.