Add parallel Print Page Options

Двајца таинствени пророци

11 Потоа ми беше даден еден дрвен метар за мерење и ми беше речено: „Измери го Божјиот храм, жртвеникот и изброј ги сите богослужители во храмот! А дворот околу храмот изостави го и не мери го. Тој дел им е предаден на нееврејските народи; четириесет и два месеци тие ќе газат по светиот град. Потоа Јас ќе испратам двајца Мои пророци, кои облечени во траурни облеки[a] ќе проповедаат илјада двесте и шеесет дни. Овие двајца пророци се двете маслинови дрвја и двата свеќници што се наоѓаат пред Господарот на Земјата. Доколку некој се обиде да им напакости, оган ќе излезе од нивните усти и ќе ги погуби нивните непријатели! На таков начин ќе биде погубен секој што ќе се обиде да им напакости. Тие ќе бидат овластени да го затворат небото за да не врне дожд, за време на нивното пророкување. Ќе им биде дадена моќ да ги претвораат водите во крв и да ја казнуваат Земјата со секакви неволи, колку што пати ќе посакаат.

Кога двајцата пророци ќе завршат со своето проповедање, ќе се појави Ѕверот што живее во Бездната и ќе војува против нив; тој ќе ги надвие и ќе ги убие. Нивните мртви тела ќе бидат изложени на плоштадот во големиот град, во кој беше распнат и нивниот Господ. Според духовната состојба во него, тој град може да се нарече „Содом“ и „Египет“.

Три и пол дена, луѓе од секој народ, племе, јазик и раса ќе доаѓаат да ги гледаат нивните тела и нема да дозволат телата да бидат погребани. 10 Луѓето што се врзани само за овој свет ќе се веселат и ќе се радуваат, ќе си даваат подароци едни на други, зашто овие двајца пророци им нанесуваа големи страдања.

11 Но по три и пол дена, во нивните тела ќе се врати животодавниот дух од Бог и тие ќе станат. Голем страв ќе ги зафати оние што ќе ги гледаат!

12 Тогаш чув глас од небото, кој на двајцата пророци им рече: „Искачете се овде!“ Пред очите на нивните непријатели, тие во облак се вознесоа на небото.

13 Во исто време, градот го погоди страшен земјотрес. Една десетина од градот беше разурната, а седум илјади души загинаа. Преживеаните ги обзеде голем страв и Му оддадоа слава на небесниот Бог.

14 Втората мака помина, но еве, веќе пристигнува и третата!

7) Седмата труба: богослужба на небото

15 Седмиот ангел затруби и од небото зататнеа силни гласови, кои говореа:

„Власта над целиот свет Му припаѓа на нашиот Господ

и на Неговиот Помазаник[b], Кој ќе владее во вечни векови!“

16 Тогаш дваесет и четирите старешини што седеа на своите престоли пред самиот Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, 17 говорејќи:

„Господе, Семоќен Боже, Ти Којшто постоиш, и Кој отсекогаш си постоел:

Ти благодариме, што најпосле во Свои раце ја презеде

големата власт и што Твоето владеење започна!

18 Народите кои не Те почитуваат го истурија својот бес, но сега дојде времето на Твојот гнев! Дојде време да им се суди на умрените, да се наградат Твоите слуги, пророците, и сите Божји луѓе - оние што имаат страхопочит спрема Твоето име, мали и големи. Дојде време да бидат уништени уништувачите на Земјата!“

19 Во тој миг се отвори вратата на Божјиот храм што се наоѓа на небото и се виде Ковчегот на Заветот[c]. Болснаа молскавици, зататнеа грмежи, Земјата ја погоди земјотрес и врнеж од огромни зрна град!“

Footnotes

  1. Откровение 11:3 Буквално вреќиште, траур. Тоа била наметка од груба ткаенина, најчесто со црна боја, што ја облекувале луѓето кои тагувале, оплакувале, и сл.
  2. Откровение 11:15 Односно, Христос на грчки или Месија (Машија) на хебрејски.
  3. Откровение 11:19 Во старозаветно време, Ковчегот на Заветот бил многу важен симбол на Божјото присуство. Се чувал во шатор. Денес не се знае каде е и за него кружат многу приказни.