Add parallel Print Page Options

Ангел со отворена книшка

10 Потоа забележав еден друг силен ангел како слегува од небото. Беше обвиткан со облак, а над главата имаше божилак. Лицето му светеше како сонце, а нозете - како огнени столбови. Во рацете држеше отворена книшка[a]. Десната нога му беше врз морето, а левата врз копното. Тој проговори со глас како лавовски рев. Во одговор се огласија седум грмотевици. Кога се огласија седумте грмотевици сакав да го запишам тоа што го рекоа тие, но еден глас од небото ми рече: „Не запишувај го тоа што го рекоа седумте грмотевици; тоа нека остане тајна!“

Тогаш, ангелот што го видов порано со едната нога врз морето а со другата врз копното ја крена својата десна рака кон небото и се заколна во името на Вечно-Живиот, Творецот на небото, на Земјата, на морето и на секое живо суштество во нив, велејќи: „Одлагање повеќе ќе нема! Штом ќе затруби седмиот ангел ќе се исполнат Божјите тајни планови, како што Тој им навестуваше на Своите слуги - пророците!“

Тогаш пак ми проговори гласот од небото и ми рече: „Оди, земи ја отворената книшка од раката на ангелот кој стои врз морето и врз копното.“ Кога отидов кај ангелот да му ја побарам книшката, тој ми рече: „Земи ја и изеди ја! Таа во устата ќе ти биде блага како мед, но кога ќе ја проголташ во стомакот ќе ти стане горчлива!“ 10 Ја зедов книшката од ангелот и ја изедов; во устата ми беше слатка како мед, но кога ја проголтав, ми ја загорчи целата утроба.

11 Тогаш ми беше речено: „Ќе треба да продолжиш да ја проповедаш Божјата пророчка порака за она што ќе се случи со луѓето од многубројните народи, раси, јазици и со нивните цареви.“

Footnotes

  1. Откровение 10:2 Буквално: отворен свиток.