Add parallel Print Page Options

Исус исцелува еден лепрозен човек

(Мк. 1:40-45; Лк. 5:12-16) Кога Исус слезе од ридот, голема толпа народ одеше по Него. Тогаш, еден човек заболен од лепра Му се приближи, клекна на колена и рече: „Господе, ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш[a]!“ Исус ја испружи својата рака, го допре и му рече: „Сакам, оздрави!“ Во истиот миг, човекот беше излекуван од лепрата. Тогаш, Исус му рече: „Не кажувај никому, туку оди веднаш на преглед кај свештеникот, а потоа принеси дар како што е пропишано според Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“

Верата на еден римски офицер

(Лк. 7:1-10; Јвн. 4:43-54) Кога Исус влезе во градот Кафарнаум, го пресретна еден римски офицер и почна да го моли, со следниве зборови: „Господе, мојот слуга лежи дома парализиран и со силни болки.“ Исус му одговори: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“ Но офицерот Му рече: „Господе, јас не сум достоен Ти да влезеш во мојот дом! Туку, кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави. Зашто, и самиот имам свои претпоставени, а имам и власт да им заповедам на војниците; на еден ќе му речам ,Оди!‘ - и тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘ - и тој доаѓа. И на мојот слуга ќе му речам: ,Направи го тоа!‘ - и тој го извршува.“ 10 Кога го чу ова, Исус се одушеви и им рече на оние што одеа по Него: „Навистина, кај никого во Израел не видов олку голема вера! 11 И ви велам: мнозина ќе дојдат и од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, со Исак и со Јаков во небесното царство! 12 А многу од Израелците, кои би требало да се наследници на тоа царство, ќе бидат исфрлени во најцрна темнина, каде што ќе пискаат и ќе крцкаат со заби.“ 13 Потоа, Исус му се обрати на римскиот офицер: „Оди си и нека ти биде според твојата вера!“ Во истиот миг оздраве слугата на офицерот.

Исус исцелува во куќата на Петар

(Мк. 1:29-34; Лк. 4:38-41) 14 Потоа Исус отиде во куќата на Својот ученик Петар и таму ја најде тештата на Петар која лежеше болна, со треска. 15 Тој и ја допре раката и треската и помина; таа веднаш стана и Го послужи. 16 Вечерта, кај Исус доведуваа голем број луѓе обземени со демонски духови, а Тој само со збор ги истеруваше демоните и ги исцелуваше сите болни. 17 Со тоа се исполнуваше претскажаното од пророкот Исаија: „Тој не исцели од нашите болки и не оздраве од нашите болести“

Одењето по Исус има своја цена

(Лк. 9:57-62) 18 Забележувајќи голем број луѓе околу Себе, Исус им заповеда на Своите ученици да отпловат од спротивната страна на езерото. 19 Тогаш еден вероучител дојде кај Него и му рече: „Учителе, готов сум да Те следам насекаде!“ 20 А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки[b], немам Свое место за почивање!“

21 Еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми.“ 22 Но Исус Му одговори: „Ти остани со Мене, а погребувањето на мртвите препушти им го на оние кои се духовно мртви.“

Исус стивнува бура

(Мк. 4:35-41; Лк. 8:22-25) 23 Потоа Исус се качи на бротчето, а Му се придружија и Неговите ученици на пловидба кон другиот брег. 24 Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне под удар на моќните бранови. А Исус беше заспал. 25 Учениците дојдоа да Го разбудат, викајќи: „Господе, спасувај, гинеме!“ 26 А Тој им рече: „Што сте се исплашиле? Колку ви е мала верата!“ Потоа стана и им заповеда на ветрот и на брановите да запрат; и настапи длабока тишина. 27 Учениците останаа вчудовидени и шепотеа: „Кој е овој човек, Кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“

Исус исцелува двајца обземени од демонски духови

(Мк. 5:1-20; Лк. 8:26-39) 28 Исус пристигна во пределите на Гадара[c], од спротивната страна на езерото. Таму го пресретнаа двајца обземени со демонски духови, кои излегуваа откај гробните пештери; тие беа толку опасни, што никој не се осмелуваше да минува оттаму. 29 Одеднаш, тие започнаа да викаат по Исус: „Што бараш кај нас, Сине Божји? Зар Си дошол предвреме да не казниш?“ 30 Во близина пасеше едно големо крдо свињи, 31 и демоните почнаа да Го молат Исуса: „Ако не бркаш, дозволи ни да влеземе во свињите.“ 32 И Тој им дозволи, а тие, излегувајќи од обземените луѓе, влегоа во свињите. Наеднаш, целото крдо свињи јурна низ стрмнината право во езерото и се удави во водата. 33 А свињарите, бегајќи, отидоа во градот и им раскажаа на тамошните жители за се што се случи со обземените. 34 Тогаш целиот град се упати кон Исус, и штом Го видоа, Го молеа да си оди од нивниот крај.

Footnotes

  1. Матеј 8:2 Во ориг: да ме исчистиш, бидејќи лепрозните ги сметале за „нечисти“ и немале право да вршат религиозни обреди.
  2. Матеј 8:20 Синоним за Месијата (види Даниел 7:13-14). Исус честопати го употребува овој израз за Себе, за да укаже на погрешното сфаќање за Месијата меѓу Евреите.
  3. Матеј 8:28 Во некои ракописи стои: Гергесина или Герасина.