Add parallel Print Page Options

СМРТТА, ВОСКРЕСЕНИЕТО И ВОЗНЕСУВАЊЕТО НА ИСУС

1) Заговор против Исус

(Мт. 26:1-5; Лк. 22:1-2; Јвн. 11:45-53) 14 Имаше уште два дена до празниците Пасха и Бесквасници. Свештеничките поглавари и вероучителите бараа некој лукав начин да Го уапсат Исуса и да Го погубат. Но велеа: „Не за време на празниците, зашто народот ќе се побуни!“

2) Помазанието на Исус во Бетанија

(Мт. 26:6-13; Јвн. 12:1-8) Исус беше на вечера во Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледуваше од лепра. Таму дојде една жена, носејќи шише од алабастер полно со скапоцен нардов мирис. Таа го скрши шишето и го разлеа нардовиот мирис врз главата на Исус. Некои од гостите налутено реагираа, велејќи: „Зошто се растура овој скап мирис!? Можеше да се продаде за триста[a] денарии и парите да им се разделат на сиромасите!“ Тие почнаа да ја укоруваат жената.

Но Исус им рече: „Оставете ја жената на мира! Зошто ја карате!? Таа направи милосрдно дело спрема Мене. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, и ќе можете да им помагате кога и да посакате. Но Јас нема да бидам уште долго време со вас. Таа направи сe што можеше - однапред го подготви Моето тело за погреб. Ве уверувам, дека, насекаде по светот, каде што ќе се проповеда Радосната вест, ќе се кажува и ова што таа го направи, за спомен на неа!“

3) Предавникот Јуда

(Мт. 26:14-16; Лк. 22:3-6) 10 Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте ученици на Исус, отиде кај свештеничките поглавари и се понуди да им Го предаде Исус. 11 Тие се израдуваа на тоа и му ветија парична награда. Оттогаш Јуда бараше погоден момент да Го предаде Исуса.

4) Пасхалната вечера на Исус со учениците

(Мт. 26:17

-25; Лк. 22:7-14, 21-23; Јвн. 13:21-30) 12 На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“

13 Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот[b]. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него. 14 Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘ 15 Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“

16 Двајцата ученици отидоа во градот и најдоа сe онака како што им беше рекол Исус. Таму ја приготвија пасхалната вечера.

17 Вечерта, пристигна Исус со дванаесеттемина Свои ученици. 18 За време на вечерата, Исус им рече: „Еден од вас што вечера со Мене, ќе Ме предаде.“ 19 Тоа ги нажали учениците и тие почнаа еден по еден да Го прашуваат: „Да не мислиш дека тоа ќе бидам јас?“

20 Исус им одговори: „Ќе биде еден од вас дванаесеттемина што мака од иста чинија со Мене! 21 Јас, Синот Човечки, ќе умрам, како што е претскажано за Мене. Но тешко си му на човекот што ќе Ме предаде Мене, Синот Човечки! За тој човек, подобро ќе беше воопшто да не се родеше!“

5) Воспоставување на Господовата вечера (Причест)

(Мт. 26:26-30; Лк. 22:14-23; 1Кор. 11:23-25) 22 За време на вечерата, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши на парчиња и им го подаде на учениците, велејќи: „Земете, ова го претставува Моето тело.“

23 Потоа зеде чаша со вино, го благослови и им го подаде на учениците. Сите пиеја од него. 24 Потоа им рече: „Тоа ја претставува Мојата крв - крв на Божјиот завет со вас, која се пролева за мнозина. 25 Ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод сe додека одново не пијам во Божјото царство.“ 26 Потоа испеаја псалми и заминаа на Маслиновата Гора.

6) Петар се заветува на верност

(Мт. 26:31-35; Лк. 22:31-34; Јвн. 13:36-38) 27 Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано: ,Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат[c]!‘ 28 Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“

29 Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“ 30 Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“ 31 „Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици.

7) Исусовата молитва во Гетсемани

(Мт. 26:36-46; Лк. 22:39-46) 32 Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани[d] и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“ 33 Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован. 34 Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива!

Останете овде и бдејте со Мене!“ 35 Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања. 36 Се молеше вака: „Аба[e]! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров[f] начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“

37 Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час? 38 Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“

39 Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва. 40 Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат.

41 Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници. 42 Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“

8) Апсењето на Исус

(Мт. 26:47-56; Лк. 22:47-53; Јвн. 18:3-12) 43 И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини. 44 Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“

45 Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж. 46 Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија.

47 Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот. 48 А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови? 49 Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“

50 Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија. 51 По Него одеше само едно момче наметнато со платно на голото тело. 52 Се обидоа и него да го фатат, влечејќи го за платното, но момчето го остави платното и им побегна.

9) Исус пред Врховниот совет

(Мт. 26:57-68; Лк. 22:54, 55, 63-71; Јвн. 18:13-14, 19-24) 53 Исус беше доведен кај Првосвештеникот. Таму се собраа сите свештенички поглавари, народни старешини и вероучители. 54 Петар Го следеше оддалеку, сe до дворот на Првосвештеникот. Таму седна да се грее околу огнот, заедно со чуварите.

55 Свештеничките поглавари и целиот Врховен совет[g] сакаа да Го погубат Исуса и затоа бараа сведоци против Него, но не најдоа. 56 Всушност, се јавија многу лажни сведоци, но нивните обвиненија не се совпаѓаа.

57 Тогаш станаа некои луѓе и изнесоа лаги, велејќи: 58 „Лично Го чувме како вели: ,Ќе го разурнам овој храм изграден со човечка рака и за три дена ќе изградам друг што нема да биде изграден од човечка рака!‘“ 59 Но и нивните обвинувања не се совпаѓаа едни со други.

60 Конечно, пред присутните стана Првосвештеникот и Му се обрати на Исус: „Зар нема ништо да одговориш на овие обвинувања против Тебе!?“ 61 Исус молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот Му постави на Исус уште едно прашање: „Ти ли си Месијата, Синот на Преславниот Бог?“ 62 „Да, Јас Сум!“ - Му одговори Исус и додаде:

„Наскоро ќе Ме видите Мене, Синот Човечки, како седам оддесно на Семоќниот и како доаѓам на небесните облаци[h]!“

63 На ова, Првосвештеникот си ја раскина облеката и рече: 64 „Зар ни се потребни други сведоци!? Го чувте Неговото богохулство! Што предлагате?“ Сите се сложија дека Исус заслужува смртна казна.

65 Тогаш некои од луѓето почнаа да Го плукаат Исуса. Му ги врзаа очите, Го удираа со тупаници и Му велеа: „Погоди кој те удри!“ И чуварите Го удираа по главата.

10) Петар се откажува од Исус

(Мт. 26:69-75; Лк. 22:56-62; Јвн. 18:15-18, 25-27) 66 Додека Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на Првосвештеникот 67 и го виде Петар како се грее крај огнот. Се загледа во него и му рече: „И ти беше со Назареќанецот Исус!“ 68 Но Петар одрекуваше, велејќи: „Не е точно тоа што го тврдиш!“ Потоа се упати кон вратата и во тој момент запеа петел.

69 Слугинката повторно го виде Петар и одново им се обрати на присутните: „И овој е од нив!“ 70 Но Петар и овојпат одрекуваше. Малку подоцна, некои од присутните одново Му рекоа на Петар: „Вистина е, и ти си еден од нив, па и Галилеец си!“

71 Овојпат Петар почна да се колне и да ги уверува: „Не Го познавам човекот за Кој зборувате!“ 72 Во тој момент повторно запеа петел и Петар се сети на Исусовите зборови: „Пред второто пеење на петлите, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“

Тогаш Петар заплака.

Footnotes

  1. Марко 14:5 Тоа е голема сума пари. Една надница изнесувала еден денариј.
  2. Марко 14:13 Се мисли на Ерусалим.
  3. Марко 14:27 Захарија 13:7.
  4. Марко 14:32 Хебрејски: Гат Ш’маним - преса за гмечење (на маслинки или грозје).
  5. Марко 14:36 Аба, на арамејски јазик значи Татко.
  6. Марко 14:36 Побуквално: Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша! Изразот да испиеш чаша бил идиом што значел да страдаш, да истрпиш.
  7. Марко 14:55 Во ориг: Синедрион; нешто како парламент на Евреите.
  8. Марко 14:62 Види Псалм 110:1 и Дан. 7:13.