Add parallel Print Page Options

Верата во Христос наспроти Законот

О, неразумни Галати! Кој ве маѓепса!? Пред ваши очи имавте толку јасна претстава за Исус Христос распнат на крстот. Едно сакам да ми кажете: дали го примивте Светиот Дух преку придржување кон Мојсеевиот Закон, или така што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте? Како можете да бидете толку неразумни!? Започнавте со духовното, а сега сакате да станете совршени преку телесното! Толку многу претрпевте, а попусто! Зарем попусто страдавте!?

Дали Бог ви Го даде Светиот Дух и изврши силни дела меѓу вас поради тоа што го спроведувавте Мојсеевиот Закон или поради тоа што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте?

Така беше и со Авраам. Тој поверува и верата му се припиша како праведност[a]. Треба да ви биде јасно дека оние што Му веруваат на Бог се вистинските потомци на Авраам. Светото Писмо претскажа дека Бог ќе ги прифати сите народи врз основа на нивната вера во вистинскиот Бог. Тоа беше во оној дел кога Бог на Авраам му ја објави Радосната вест, велејќи му: „Преку тебе ќе бидат благословени сите народи[b].“ Тоа значи дека секој што ќе поверува во Христос ќе биде благословен, исто како што Авраам беше благословен бидејќи Му поверува на Бог.

10 Сите оние што се надеваат дека ќе се спасат преку придржување кон Мојсеевиот Закон живеат под проклетство! Светото Писмо вели: „Проклет да е секој што не исполнува се што е запишано во книгата[c] на Законот[d].“ 11 А дека никој не може да се оправда пред Бога преку придржување кон Мојсеевиот Закон јасно се гледа од она што го вели Светото Писмо: „Праведникот добива живот преку вера[e].“ 12 Законот не се засновува врз верата. Напротив, во него се вели: „Ако сакаш да добиеш живот преку придржување кон Мојсеевиот Закон, ќе мораш да се придржуваш до сите негови заповеди[f].“

13 Христос не ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото Писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво[g].“ 14 Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос.

Природата и целите на Мојсеевиот Закон

15 Драги пријатели христијани[h], да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него. 16 Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото Писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос. 17 Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј. 18 Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување.

19 Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена се додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето. 20 Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно.

21 Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот. 22 Светото Писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос.

23 Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот не чуваше како затвореници, под свој надзор.

Божји деца преку вера

24 Така Законот ни беше воспитувач[i] што не водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера. 25 Сега кога ни се објави верата, веќе нема потреба Законот да ни биде воспитувач.

26 Сите стануваме Божји деца, преку вера во Исус Христос. 27 Сите што преку крштавање во името на Христос се идентификуваа со Него, станаа како Христос[j]. 28 Без разлика дали се работи за Евреин или за Грк[k], за роб или за слободен, за маж или за жена, сите што сте христијани сте еднакви пред Христос. 29 Ако Му припаѓате на Христос, тогаш вие сте вистинските потомци на Авраам и вие ќе го добиете она што Бог му го вети.

Footnotes

  1. Галатите 3:6 1 Мој. 15:6.
  2. Галатите 3:8 1 Мој. 12:3; 18:18; 22:18.
  3. Галатите 3:10 Под книгата на Законот обично се подразбира Тората, Мојсеевите книги, петте први книги од Библијата.
  4. Галатите 3:10 5 Мој. 27:26.
  5. Галатите 3:11 Авакум 2:4.
  6. Галатите 3:12 3 Мој. 18:5.
  7. Галатите 3:13 5 Мој. 21:23.
  8. Галатите 3:15 Буквално: драги браќа. Забелешката важи насекаде во овој превод.
  9. Галатите 3:24 Во грчкиот текст: педагог.
  10. Галатите 3:27 Буквално: Го облекоа Христос врз себе.
  11. Галатите 3:28 Или: нема веќе разлика меѓу Евреите и другите народи.